
Рецепт за кето протеински леб
Овој леб е многу хранлив, навистина здрав и заситува далеку повеќе од обичен леб. Воедно е и посен.
Потребни состојки:
- 300 гр протеинско кето брашно
- 1 голем прстофат сол
- 9 гр пекарски квасец
- 9 гр бел шеќер (не се грижете, квасецот ќе го „изеде“ шеќерот, што значи лебот нема да го содржи овој шеќер)
- 250 гр млака вода (30-40 °C, не жешка)
Ги промешувате квасецот и шеќерот во водата, додека да се добие хомогена течност. Оставате да отстои 10 мин (појавата на пена е нормална). Во сад за мешање го додавате брашното, солта и водата со квасецот и шеќерот. Мешате и го замесувате тестото неколку минути. Потоа го оставате тестото да отстои 60-90 минути за да нарасне.
Тестото го нанесувате во тава за печење леб обложена со хартија за печење.
Се пече во претходно загреана рерна, околу 30-35 мин на 180 степени. Вашиот кето протеински леб е спремен.
Целиот леб содржи:
- 180 гр протеини
- 16,5 гр јаглехидрати
- 63 гр масти
Доколку го исечете лебот на 20 еднакви парчиња, ќе ги добиете следниве вредности по парче:
- 9 гр протеини
- 0,8 гр јаглехидрати
- 3 гр масти
Во 3 кришки имате 27 гр протеин. Ова е високо нутритивен леб и заситува со далеку помала количина во споредба со обичните лебови. Затоа, рецептот може да биде и со 100 гр брашно зависно од тоа колку леб сакате да испечете. На 100 гр брашно користите 3 гр пекарски квасец и 3 гр шеќер. Лебот изобилува со протеини и здрави масти, ни одблизу не го качува шеќерот во крвта како обичниот леб! Со него може да правите тостови, сендвичи и да го користите како додаток во кое било јадење. Може да се мачка со млечен путер, ајвар или путер од кикирики/лешници со домашен џем од малини засладен со стевиа.
Уживајте! 😊
За други кето рецепти кликнете тука.
Порачка за вашите кето намирници направете тука.
Формулирано од:
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура

